Од Министерството за здравство соопштија дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата како и дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 440.213 граѓани.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Пред два дена министерот за здравство Венко Филипче информираше дека од Амбасадата на Народна Република Кина било најавено дека во следните седум дена треба да пристигнат 500.000 вакцини „Синовак“.

Во однос на ревакцинацијата на нашите граѓани во Србија, Филипче рече дека за разговарал со неговиот српски колега Лончар, за нив да се организира вакцинален пункт, кој би бил поблиску до границата, во Врање или во Ниш.

А како што јави дописникот на МИА од Белград, во Србија продолжува бесплатната вакцинација на граѓаните од соседните земји, а во Врање викендов се вакцинираат граѓани од  Македонија.

Според српскиот јавен сервис, РТС, за време на викендот во Врање за вакцинација се пријавиле 753 македонски граѓани, кои ќе бидат вакцинирани со вакцината на Фајзер. Досега во Врање се вакцинирани 1.105 граѓани на Република С. Македонија, а двете дози ги имаат примено 836 лица.