Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 429.464 граѓани, информираат од Минитерството за здравство.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 233.844 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.411 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.592 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 304.904 дози вакцини, а ревакцинирани се 71.060 граѓани. Со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 34 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Во соопштението истакнуваат дека вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.