Осудениот воен злосторник и поранешен генерал на босанските Срби, Ратко Младиќ (84), доживеал мозочен удар и се наоѓа во сериозна здравствена состојба, тврди неговиот син Дарко Младиќ.
Според неговите наводи, ударот се случил на 10 април, по што Младиќ бил префрлен во болница, но истиот ден бил вратен во притвор.
Семејството, како што наведува, сè уште нема добиено целосна медицинска документација.
Дарко Младиќ изјави дека неговиот татко е во многу лоша состојба, не може да седи во инвалидска количка и има сериозни потешкотии во комуникацијата.
Младиќ од 2024 година е сместен во затворската болница во Хаг. Минатото лето судот го одби неговото барање за итно ослободување во Србија поради здравствени причини.
Тој беше осуден на доживотен затвор во 2017 година пред Хашкиот суд, а пресудата стана правосилна во 2021 година.
Судот го прогласи за виновен за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.
Младиќ беше уапсен во Србија во 2011 година, по 16 години бегство.
