Италијанскиот претседател Серџо Матарела на средбите со државниот врв за време на дводневната официјална посета на земјава, прва на шеф италијанската држава по цели 23 години, ја реафирмираше силната поддршка на Рим на патот за полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ ветувајќи дека Италија постојано ќе биде на страната на државава.
Италија, рече тој, цврсто верува дека Западен Балкан е составен дел од Европа и дека Европа никогаш нема да биде целосна без пристапувањето на сите земји од овој регион.
-Со големо задоволство ја следевме информацијата дека во јули конечно ќе почнат преговорите за влез на Северна Македонија во Европската Унија. Тоа што е со задоцнување, за жал, не беше разумно, но одлуката да почнат преговорите сепак го наградуваат напорот што ЕУ го направи кон Северна Македонија, истакна Матарела.
На заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски, Матарела рече дека тоа е потврда на заложбата на Северна Македонија и на сите земји кои, како што рече, со одлучност ја поддржуваа, како што тоа го направи Италија.
-Сакам јавно да подвлечам дека го цениме трпението и напорот што Северна Македонија ги направи за да ги надмине сите потешкотии и на планот на подобри и попозитивни односи со соседите. Станува збор за чекори нанапред кои Италија секогаш ги следеше и ги поддржуваше и во своите односи со Софија. Унијата е наша заедничка иднина, тоа е наше убедување, што секаде го кажуваме. Без влезот на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, Унијата нема да биде целосна и има потреба од овој влез за комплетирање за навистина да биде интегриран целиот континент, рече Матарела.
Нагласи дека Италија постојано ќе биде на страната на Северна Македонија на патот што треба да го изоди, на патот на реформите за да стигне до акито на ЕУ.
-Се надеваме дека овој процес ќе биде пократок за целосно да се постигне членството во Европската Унија, рече Матарела.
Пендаровски ѝ се заблагодари на Италија за поддршката на политиката на проширување на ЕУ и неспорната поддршка за нас во тој контекст.
-Имајќи предвид дека во претстојниот период нѐ чека напорна работа и вложување на сите национални капацитети, искуствата кои Италија е подготвена да ги сподели со нас ќе ни бидат навистина корисни. За време на разговорите потенцирав дека Северна Македонија останува кредибилен партнер на Унијата во справување со актуелните геополитички и безбедносни предизвици за што зборува и фактот за нашето стопроцентно усогласување со заедничката европска безбедносна и одбранбена политика на Унијата, рече Пендаровски на прес-конференцијата.
Како сојузници во НАТО, додаде шефот на државата, со претседателот на Италија Матарела размениле мислења и информации за војната во Украина и го реафирмирале повикот за итно запирање на руската агресија врз една суверена држава.
Пендаровски соопшти дека побарал поддршка од Матарела во справување со последиците од енергетската криза, односно да ни биде овозможен пристап до механизмите и инструментите на Унијата за ублажување на негативниот ефект од енергетската криза врз нашите држави.
Матарела во своето обраќање рече дека енергетските проблеми се последица на агресијата на Русија врз Украина и нагласи дека треба голема солидарност. Тој порача дека треба да се одредат механизми кои ќе им помогнат на земјите од Западниот Балкан да имаат конкретни и ефикасни перспективи за справување со енергетската криза. Двајцата претседатели се согласија дека механизмите подготвени од ЕК треба да ги вклучат и земјите од Западен Балкан.
– Треба да изнајдеме механизми во ЕУ кои треба да ги вклучат и земјите од Западен Балкан во оваа заедничка иднина, заедничка криза и решенија кои се однесуваат на хидроген и гасот. Но, овие решенија треба да дадат и други решенија на кризата, а тоа е намалување на последиците на порастот на цените. Европа многу бргу треба да работи на алтернативи решенија во споредба со гасот кој доаѓа од Русија, рече меѓу другото Матарела на новинарско прашање.
Претседателот Пандаровски изрази надеж дека помошта од ЕУ ќе биде дополнителна помош за земјата покрај заклучоците донесени на Советот за безбедност со оглед на застарените капацитети со кои располагаме.
-Слично како за вакцините кога имаше паневропски механизам за дистрибуција на вакцините и овој пат ние веќе предложивме, иако не сме членка на ЕУ на сличен начин Унијата да ни помогне нам на сите шест земји од Западниот Балкан. Имаме поддршка од Словачка во таа насока, италијанскиот колега Матарела рече дека ќе се заложат за истиот пристап… Јас се надевам една од овие бекап варијанти може да биде и мора да биде помошта од ЕУ, нагласи Пендаровски
И во своето обраќање вчера во Собранието претседателот на Италијанската Република порача дека Италија секогаш давала и ќе продолжи да дава силна поддршка за патот на Северна Македонија кон Европа и дека местото на Северна Македонија е во Европа заради вредностите, историјата и културата.
Тој во своето обраќање посочи дека пријателството меѓу Италија и нашата држава има длабоки корени, поттикнато од спонтана симпатија и од чувство на меѓусебно разбирање, кое никогаш не престанало.
Со 31-годишна независнот која државата ја прослави завчера, Матарела потенцираше дека се отворени дополнителни можности за развој на односите меѓу двете земји во сите полиња, а меѓу нив и не помалку важното поле на културната соработка.
-Италија е горда на фактот дека на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје италијанскиот јазик се изучува повеќе од 60 години, и што во моментов многу македонски ученици од основните и средните училишта избраа да го учат италијанскиот јазик, што претставува знак на динамика и современост на врската меѓу овие две земји. Станува збор за чувство на искрено пријателство, додаде Матарела.
Италијанскиот претседател се сретна и со претседателот на Собранието Талат Џафери, кој истакна дека безрезервната поддршка на традиционално партнерските држави, меѓу кои е и Италија, за нас претставува недвосмислена потврда на сите наши напори да ја оствариме стратешката цел и желба на нашите граѓани – да бидеме дел од европското семејство на народи.
– На средбата претседателот Џафери искажа задоволство што во пресрет на годината кога Северна Македонија и Италија одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, возвратните посети на највисоко ниво се интензивираат. Тој го запозна претседателот Матарела со тековните процеси во Собранието, работата на Пратеничката група за соработка на Собранието и Италијанскиот парламент, како и со политичката состојба во државата, соопшти Кабинетот на Џафери.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија се осврнал и на нашата дијаспора во Италија која брои над 100 000 жители и се заблагодари за односот којшто Италија го има во однос на нашите граѓани.
Официјалната посета на државава претседателот Матарела ја заокружи со средба со премиерот Димитар Ковачевски, на која била нагласена и улогата на државата во регионот, како земја којашто ги решава предизвиците низ храбро лидерство, при што била најавена голема поддршка од Италија и во натамошниот евроинтегративен процес.
-Премиерот Ковачевски се заблагодари за големата поддршка што ја дава Италија на Северна Македонија во трите децении од воспоставените дипломатски односи, во евроатлантските интеграции и посебно во рамки на процесот со којшто, по 17 години, конечно започнаа преговорите со ЕУ, информираа по средбата од прес-службата на Владата.
Премиерот Ковачевски истакнал дека државата се поставила стопроцентно и навремено на линија на политиките на ЕУ, во однос на војната во Украина, дека применува европски вредности и дека заслужува да биде дел од Европската Унија.
Серџо Матарела беше избран за претседател на Италијанската Република во јануари 2015 година, а на таа функцијата беше реизбран и во февруари 2022 година, со над 75 отсто од гласовите на Собранието, со што е втор претседател избран со најголем број гласови во историјата на Италијанската Република. Посетата на Матарела го потврдува интензитетот на односите меѓу Италија и Северна Македонија, на политичко, економско и општетстевно ниво, посочија спроти посетата од Италијанската амбасада во земјава.