Руската амбасада во Скопје на социјалните мрежи реагираше на вчерашната изјава на министерката за одбрана Славјанка Петровска за можното вклучување на македонската Армија во руско-украинскиот конфликт, доколку тоа го побара НАТО.

Според руската амбасада, ваквата изјава на министерката е „изненадување“.

Изненадени сме од изјавата на министерката за одбрана на РСМ, Славјанка Петровска, во врска со испраќањето, односно со потенцијалното учество на македонски вооружени сили во потенцијалнио руско-украинскиот судир. Русија никогаш никаде не му се заканувала на украинскиот народ и нема намера да презема никакви агресивни дејствија. Со други зборови, нема да извршиме напад, инвазија или да ја погодиме Украина. Во однос на руските трупи – тие се движат низ сопствената територија и имаат целосно право на тоа. Што се однесува до Украина, Киев продолжува тврдоглаво да ги избегнува своите обврски од Договорите од Минск, кои вклучуваат воспоставување директен дијалог со Донецк и Луганск и внесување во Уставот посебен статус на Донбас. Доследно и целосно спроведување на ’Пакетот мерки‘ од Минск од 2015 година како безалтернативна основа за разрешување е неопходен услов за решавање на внатреукраинската криза. Го воочуваме ризикот дека Украина ќе стане поинтегрирана во НАТО, дури и без да добие формален статус на членка на Алијансата. Тоа е она што директно влијае на безбедносните интереси на Русија. Постигнувањето на пресврт во оваа ситуација е во фокусот на нашето внимание. Ова е основата на нашите предлози за обезбедување цврсти, правно обврзувачки гаранции за безбедност од страна на САД и НАТО“, се вели во реакцијата на Амбасадата.

Оттаму се надеваат дека „раководителката на Министерството за одбрана на РСМ ќе ја земе предвид реалната состојба при поставувањето на приоритетите за работата на Министерството на чело со неа“.

Инаку, министерката за одбрана Славјанка Петровска вчера информираше дека доколку НАТО побара од македонската Армија да се вклучи во можниот конфликт на границата меѓу Русија и Украина, тоа може да се случи, но само со согласност на Владата и претседателот Стево Пендаровски.