Димитриеска-Кочоска најави завршница на разговорите со институциите

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави дека подготовките за ребалансот на Буџетот се во завршна фаза и дека по разговорите со сите државни институции ќе биде утврдено каде ќе има кратења, а каде дополнителни средства.

Во интервју за телевизија „Сител“, таа посочи дека дел од институциите веќе побарале зголемување на средствата за капитални инвестиции, особено оние преку кои се реализираат проектите во општините.

– Не сме ги завршиле разговорите со сите министерства. Со затворање на тие состаноци ќе почнеме да ги разгледуваме состојбите, да видиме од каде има простор да се скрати, а каде да се дополни. Од одредени институции има побарувања да се зголеми ставката за капитални расходи. Тоа се институции преку кои оди финансирањето на проектите – посочи Димитриеска-Кочоска.

Старите долгови се сервисираат според планот

Според министерката, отплатата на обврските наследени од претходно се одвива согласно предвидените буџетски проекции.

– Сето она што значеше да обезбедиме средства за отплата на старите долгови, сето тоа го направивме – вели Димитриеска-Кочоска.

Таа се осврна и на јавниот долг, нагласувајќи дека неговото ниво континуирано се движи околу 60 проценти и дека Владата успешно управува со тој сегмент.

Според неа, задолжувањето не претставува проблем доколку средствата се вложуваат во проекти што ќе создадат нова вредност и ќе придонесат за економски раст.

– Како министер за финансии сум фокусирана и работам на тоа, тој што ќе ме наследи да не биде во ситуација секоја година да има огромни еврообврзници за враќање како што беше ситуацијата во овие четири години. Најголемата тежина на Министерството за финансии е што сите долгови се сконцентрирани во четири години, нагласува Димитриеска-Кочоска.