Реформа која во наредните три години ќе донесе минимум една милијарда евра или погрешно решение што ќе заврши со узурпација и пренамена на земјиштето во градежно. Ова се двете дијаметрално спротивни убедувања кои можеа да се слушнат на денешната јавна расправа по Нацрт-законот за продажба на државното земјоделско земјиште. Првото го изнесе министерот за земјоделство Арјанит Хоџа, а второто земјоделецот Јордан Трајков од иницијативата Граѓански фронт.

Според Хоџа, законот ќе овозможи целосно и порационално искористување на државните обработливи површини, а Трајков предупредува дека ќе се офајдат само богаташите, додека земјоделците, финансисиски немоќни, повторно не ќе можат да си го купат земјиштето.

-Ова ќе биде една од најголемите реформи, а резултатите ќе се видат во наредните три до пет години преку зголеменото приоизводство. Целта не е да се добиваат приходи зашто тие може да се движат меѓу 300 до 500 милинои евра, туку инвестициите кои се планираат, директни и индиректни, како и вработувањата што ќе се отворат. Продажбата на државното земјоделско земјиште во наредните три години може да ни донесе повеќе од една милијарда евра обрт, подвлече министерот.

Тој е дециден дека согласно законот, во првите десет години не смее да има никаква пренамена на земјиштето со што се елиминира можноста од каква била узурпација.

-Што се однесува до пренамената на земјиштето, јас би поставил поинакво прашање – како моментално ја спречувате пренамената на земјоделското земјиште? Јас ви гарантирам дека со предлог-законот барем во наредните десет години тоа земјоделско земјиште нема шанси да се пренамени. А во постојниот Закон, може и утре општината да побара пренамена и ние немаме никаква моќ како Министерство, тоа да го спречиме. Затоа кажуавме најотворено дека и по десетата година, некој што инвестирал и се придржувал до бизнис планот, дали ќе сака да пренамени и ако сака, колкава би била таа површина. Некој што има 100 хектари дали може да пренамени толку и која ќе биде таа институција што ќе даде потпис за пренамена на 100 хектари, рече Хоџа.

Став на Трајков е дека државното земјоделско земјиште е на сите граѓани и така треба да биде „поделено“. Има подбори алтернативи како да се приватизира, а едната од нив е, посочи, со ваучери, по примерот на Словенија, Чешка и Словачка.

-Мора да се најде најдобрата опција зашто ова е навистина несреќен избор кој ќе овозможи земјоделското земјиште да дојде во рацете на грабливците и дополнително, има опасност да се претвори во градежно. Земјоделците повторно не ќе можат да си го купат земјиштето, а богаташите пак ќе се дограбат до значаен ресурс кој може да не извади сите нас од сиромаштија. Оваа алтернатива што се турка од Владата е погрешна. Може многу подобро, се надевам дека ќе слушнат и дека дебатата ќе оди во таа насока. Нашиот предлог е да го приватизираме земјоделското земјиште така што ќе добијат сите, истакна Трајков.

Претходно, во воведното обраќање, образложувајќи го нацрт – текстот, министерот Хоџа нагласи дека со него се предвидени бројни ограничувања и заштитни механизми кои треба во целост да ја спречат приватизацијата на земјиштето поради лукративни цели, да спречат злоупотреби при продажбата од секаков вид, како и соодветни пенали за неисполнување на обврските од договорите за продажба.

Во законот се предвидени четири постапки за продажба на државното земјоделско земјиште: јавен оглас, јавен повик, продажба на земјиште дефинирано како технолошка целина на оранжерија и технолошка целина на стопански двор, како и продажба во постапката за консолидација.

Во постапката по јавен оглас право на купување имаат само закупците на државно земјоделско земјиште кои имаат склучено договор за закуп најмалку три години пред објавување на огласот.

-И тука има определени ограничувања кои треба да спречат купување земјиште од страна на несовесни и несолвентни закупци, па така нема да можат да купат земјиште во оваа постапка закупци кои имаат обврски за неплатена закупнина и неплатени даноци и придонеси од задолжително социјално осигурување и против кои не се води судска постапка заради раскинување на договорот за закуп заради неисполнување на обврските од договорот. Максималната површина и цената по метар квадратен што може да ја купи еден закупец, ќе ја определи Владата на предлог на Министерството, во зависнот од големината на вкупната површина на земјоделско земјиште, регионот каде се наоѓа земоделското земјиште и катастарската класа и катастарска општина во кој се наоѓа земјиштето. Цената не може да биде утврдена пониско од 0,30 евра по метар квадратен, ниту повисоко од едно евро, во денарска противвредност, објасни министерот.

Притоа, додаде, приватизацијата на земјиштето нема да влијае врз исполнувањето на бизнис планот со кој се обврзал закупецот со склучувањето на договорот за закуп на земјиштето кое би го купил и како гаранција за исполнување на таквата обврска се предвидени соодветни пенали за нереализирање на бизнис планот.

Во постапката по јавен повик ќе се продава слободното земјоделско земјиште за кое во изминатите 20 години никој не пројавил интерес за обработка по пат на закуп или плодоуживање. Предвидено е продажбата да се одвива преку тригодишна програма која може да опфати најмногу 50.000 хектари и која никако не значи дека целата ќе биде продадена туку, целта е да се има на располагање толкава површина, а колку од неа ќе се продаде ќе зависи пред се од интересот за земјиштето и одлуките на Владата за распишување јавни повици за продажба.

Во оваа постапка, како што образложи Хоџа, продажбата треба да овозможи продажба на земјоделско земјиште на мали земјоделци, млади земјоделци, земјоделци кои имаат земјиште во сосопственост со државата, земјоделци кои имаат сопствено земјиште кое граничи со земјиште во државна сопственост. Тоа ќе овозможи да се зголемат површините на малите и младите земјоделци, да се окрупни земјоделското земјиште во приватна сопственост, а сето тоа во насока на зголемување на продуктивноста на земјоделското производтсво.

Продажбата на земјоделското земјиште определено како технолошка целина на оранжерија и технолошка целина на стопански двор, евидентирано во катастарот на недвижности како нива под оранжерии, нива под помошни објекти, нива под објекти за примарна обработка на земјоделски производи и земјиште меѓу објекти, со мерки и граници определени со геодетски елаборат и земјиште во државна сопственост, евидентирано во катастарот, се врши по пат на непосредна спогодба со склучување договор за продажба меѓу министерот и сопственикот. Површината на земјоделско земјиште во државна сопственост, која може да биде предмет на продажба во оваа постапка, не смее да изнесува повеќе од два пати од површината на земјиштето под оранжеријата односно објектот.

Со продажбата, пак, во постапката за консолидација ќе се овозможи окрупнување на земјиштето во случаите кога ќе се создадат сосопственички односи помеѓу приватната и државната сопственост, како и кога на физичкото или правно лице согласно усвоениот план за распределба на консолидационата маса, му било распределено земјоделско земјиште во државна сопственост.

-Со предложениот закон треба да се постигнат неколку цели: целосно и порационално искористување на обработливите површини, нивно окрупнување, можност за поголеми вложувања, како и зајакнување на финасиската состојба на идните сопственици кои изградиле објекти врз државното земјоделско земјиште. Тие ќе може да обезбедат дополнителни средства преку кредитирање (заложување на таквите објекти пред финасиските институции), рече Хоџа.

Тој дополни и дека според Агенцијата за катастар на недвижности, околу 577.000 хектари во земјава се класифицирани како обработливо земјиште. Од нив, околу 240.000 или 41 процент се во државна сопственост и управувани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

-Изминатите 20 години во функција се ставени околу 130.000 хектари од вкупно расположивите 240.000. Необработени и запуштени се преку 100.000 хектари. Со овој закон ќе се овозможи таквите површини да се стават во функција на развојот на земјоделството и зголемување на земјоделското производство, истакна министерот.

На јавната расправа присуствуваа претставници од земјоделски здруженија, стопански комори, високо образовни институции, потсекторски групи од Министерството за земјоделство, невладини организации, како и земјоделци.