Заменик-министерот за образование и наука, Дритон Сулејмани, беше дел од панел-дискусијата посветена на значењето на меѓународната соработка за развој на професионалните вештини и справување со глобалните промени, во рамките на Глобалниот самит за вештини што се одржува во италијанскиот град Торино.
Сулејмани пред меѓународните претставници ги претстави стратешките приоритети и реформскиот курс за изградба на современ образовен модел што ќе соодветствува со барањата на современиот пазар на труд, технолошкиот напредок, демографските движења и процесите на зелена транзиција.
Во своето излагање тој стави силен акцент врз јакнењето на стручната подготовка, експанзијата на моделот за дуално образование во кој веќе учествуваат повеќе од 1.000 компании, развојот на регионалните центри за стручна едукација, кариерната ориентација и практиката за постојано усовршување.
„Нашата цел не е само да одговориме на потребите на пазарот на трудот, туку, пред сè, да создадеме можности младите да ја градат својата иднина во нашата земја, а граѓаните да имаат можност да се приспособуваат, да напредуваат и активно да учествуваат во економските и општествените трансформации“, рече Сулејмани.
Во контекст на Националната реформска агенда и приближувањето кон Европската Унија, заменик-министерот подвлече дека ресорните институции остануваат фокусирани кон инклузивен и висококонкурентен образовен систем кој се темели на цврста соработка меѓу образовниот сектор, бизнисот и меѓународните организации.
„Инвестирањето во образованието и развојот на вештините е инвестиција во иднината на нашата земја и во нејзината европска перспектива“, порача Сулејмани.
