Во земјава се регистрирани четири лабораториски потврдени случаи на морбили. Меѓу заболените едно лице е странски државјанин, додека останатите тројца се македонски државјани од Велес, Штип и Скопје. Од домашните случаи две се бебиња на возраст под 12 месеци, а третиот пациент е лице на возраст над 40 години, при што сите тројца се невакцинирани.
Министерот за здравство Сашо Клековски појасни дека децата под едногодишна возраст не подлежат на редовна вакцинација и можат да се заштитат исклучиво преку колективен имунитет на средината.
Институтот за јавно здравје и надлежните центри за јавно здравје ги финализираат епидемиолошките анкети за утврдување на евентуалната поврзаност помеѓу регистрираните случаи. Според здравствените власти, во овој момент нема законски услови за прогласување на епидемија на национално ниво.
„Имаме први случаи и тоа што го правиме во услови на епидемија во Косово и во Бугарија е да повикуваме на претпазливост кај граѓаните и кај институциите. Во однос на граѓаните, вакцинирајте се, проверете дали имате две дози на вакцината или дали сте прележале од болеста. Ова посебно го апелирам до здравствените работници да го направат, бидејќи тие се во контакт и се најризични. Во однос на граѓаните, доколку имате температура и осип, не одете на доктор, јавете му се на докторот. Сипаниците се високо заразни и секое одење во чекалница го зголемува ризикот од проширување на сипаниците. Главна контакт точка за сипаниците се во основа чекалниците во здравствените установи. Вирусот е активен околу два часа во воздухот и мислам дека треба да бидеме максимално претпазливи“, рече Клековски.
Институтот за јавно здравје веќе достави прецизни стручни протоколи до здравствените домови и болничките установи ширум државата.
„Се работи на издадено упатство на градинките и школите кое е дистрибуирано преку соодветните министерства и издадени се протоколи за граничните премини. Пред да патувате за Косово и за Бугарија, проверете си повторно каква е вашата состојба, бидејќи во тие две земји има прогласено епидемија. Ние сме во комуникација со странската земја од каде што е странскиот државјанин за да размениме информации, тоа е Косово. Тројцата македонски државјани не патувале во странство и затоа ги испитуваат можностите за поврзаност дома во Македонија. Едното бебе беше хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести, отпуштено е на домашна нега, значи е во добра состојба. Издадовме наредба на Клиниката за детски болести да се подготвува за прифат на вакви случаи, затоа што Инфективната клиника не е оспособена за третман на бебиња“, истакна Клековски.
Надлежните апелираат за зголемена претпазливост кај родителите со цел навремено препознавање на симптомите и спречување на ширењето во градинките.
„Значи имаме четири од кои три домашни случаи. Се испитува нивната врска, таа ќе биде објавена. Имаме препораки за граѓаните и за институциите, без оглед дали се здравствени или образовни и сега е до нас да направиме сè овие три случаи не станат повеќе случаи. Сите треба да бидеме со зголемена претпазливост, и градинките и училиштата. Апелирам до родителите, како што не треба да ги носат децата во чекална во здравствена установа, ако се појави зголемена температура, црвенило на очите, осип, така да не ги носат и во градинките. Има доволно вакцини, имаме 14.000 вакцини на залиха што се во моментов достапни. Имаме можност за зголемување на количините. Минатиот пат кога се прогласија епидемии се употребени околу 50.000 вакцини, генерално затоа што има големо заостанување од претходни генерации“, додаде Клековски.
