Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска оствари работна средба со раководството на Дојче Телеком. На средбата присуствуваше владина делегација во состав од министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски.

Владината делегација разговараше со Тимотеус Хетгес, главен извршен директор на Дојче Телеком, и Доминик Лерој, член на Управниот одбор на компанијата и главен извршен директор за Европа.

На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и инвестиции кон дигиталната трансформација и иднина на државата, преку вложувања во делот на современите техники во медицината и инженерството, развој во областа на комуникацијата, развојот на вештачката интелигенција, современата кибернетска безбедност, како и плановите и амбициите за развој во проектите за паметен град, безбеден град и безбедна држава.

Во рамки на разговорите беа разменети мислења за европската конкурентност, безбедноста и дигиталниот суверенитет како стратешки приоритет за Европа, како и за капацитетите во областа на cloud технологиите, вештачката интелигенција, индустриската вештачка интелигенција и сајбер-безбедноста, кои претставуваат основа за дигиталната отпорност.

Средбата претставува можност за понатамошно унапредување на соработката со водечката европска телекомуникациска компанија, со цел искористување на современите технолошки решенија и отворање нови перспективи за развој на дигиталната сфера.