Тој посочува дека интервенцијата опфаќа и инфраструктурни и безбедносни зафати, со цел долгорочно уредување на пристапот до едно од најпосетуваните места во градот.
„Водно е душата на Скопје. Место каде генерации скопјани пораснале, место каде се бара мирот по напорниот ден, каде семејствата го поминуваат слободното време“, наведува Ѓорѓиевски.
Тој додава дека започната е реконструкција на патот кој води кон Средно Водно.
„Токму затоа, со сериозен пристап и силна динамика, започнавме темелна реконструкција на патот кој води кон Средно Водно“, пишува во објавата.
Покрај коловозот, се работи и на одводната мрежа и заштитната инфраструктура.
„Покрај реконструкцијата на коловозот, се уредуваат и сливниците за атмосферските води кои долги години беа нефункционални и неодржани, а се обновуваат и еластичните одбојни огради (банкини), кои исто така повеќе децении стојат оштетени и непроменети“, наведува тој.
Според него, со проектот се решава долгогодишен проблем и се зголемува безбедноста.
„Решаваме еден долгогодишен проблем и овозможуваме поголема безбедност, подобра заштита на патот и негово подолгорочно одржување“, додава градоначалникот.
Ѓорѓиевски упатува и апел за грижа кон јавниот простор.
„Скопјани заслужуваат безбедни патишта, уредени јавни површини и Водно кое ќе биде вистинска гордост на градот“, вели тој, додавајќи: „Водно се белите дробови на Скопје и само со заеднички придонес ќе остане нашето најубаво место.“
