Се одржуваат средби со ЗНАМ и ВРЕДИ за нови кадровски решенија

Процесот за најавената реконструкција на Владата се одвива преку тековни разговори со коалициските партнери, при што денес и утре се предвидени средби со политичките партии ЗНАМ и ВРЕДИ.

Од Владата посочуваат дека станува збор за рана фаза на процесот кој бара внимателен и одговорен пристап, поради што засега не се изнесуваат дополнителни детали во јавноста.

Оттаму додаваат дека јавноста ќе биде навремено информирана кога ќе бидат постигнати конкретни договори и дефинирани решенија.

Мицкоски со пораки за одговорност и работа на функционерите

Во меѓувреме, како непроменета позиција се посочуваат пораките на премиерот Христијан Мицкоски, кои ги упати на одбележувањето на 36-годишнината од ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.

Тој тогаш нагласи дека внимателно ја следи работата на институциите и дека не е задоволен од одредени појави кај дел од функционерите кои, како што рече, се оддалечуваат од принципите на Владата.

Според него, постојат забелешки за недоволна достапност на дел од министрите и директорите, како и за недоволна поврзаност со секојдневните проблеми на граѓаните.

Принципот останува ефикасност и отчетност кон граѓаните

Мицкоски порача дека Владата е избрана да им служи на граѓаните, а не да функционира врз основа на привилегии, нагласувајќи дека секој функционер мора да биде достапен и посветен на своите обврски.

Тој додаде дека нема да толерира неодговорност и отстапување од принципите врз кои е формирана Владата, без разлика на функцијата.

„Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Сакам секој од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен“, беше пораката на Мицкоски.

Од Владата порачуваат дека клучни критериуми во процесот на реконструкција ќе бидат ефикасноста, достапноста кон граѓаните и исполнувањето на програмските цели.