Во основното и средното образование оваа учебна година се ангажирани вкупно над 1.800 образовни асистенти, што е рекорден број во споредба со 2024 година, кога имало речиси 800 – информира денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап, што се одржа во Собранието.
На настанот што е во организација на интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост и „Зета“ – организација за попреченост и правда, во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ и Националниот сојуз на слепите, Јаневска истакна дека Владата работи на зголемување на инклузивноста на воспитно-образовниот систем, со цел секое дете да има можност да ги развива своите таленти и потенцијали независно од тоа дали има посебни образовни потреби.
– Оваа учебна година ја почнавме со најголем број образовни асистенти досега. Ангажирани се 1.602 образовни асистенти во основното и 176 во средното образование, што е рекорден број. Во 2024 година имавме само 800. Во тек е постапка за ангажирање дополнителен број стручни лица за образовна асистенција – рече Јаневска.
Таа посочи дека во насока на поголема инклузивност се работи и на зајакнување на стручните служби во училиштата, подобрување на пристапноста на училишните објекти преку поставување рампи и изградба на тоалети за учениците со попреченост, како и на обезбедување дополнителна поддршка за студентите.
Министерката информира дека се воведени и две нови категории студентски стипендии наменети за студенти со попреченост и со ретки болести.
Говорејќи за образованието на децата и младите со оштетен вид, Јаневска посочи дека Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје од минатата година функционира како ресурсен центар, во кој работат специјални едукатори и рехабилитатори, наставници и стручни лица обучени за поддршка на учениците со посебни образовни потреби.
Таа истакна дека во училиштето оваа учебна година се запишани повеќе ученици отколку лани, што, како што оцени, укажува на препознавањето на квалитетот на воспитно-образовната работа, можноста за добивање соодветна стручна помош и зголемената доверба на родителите.
Јаневска најави дека училиштето е предвидено за реконструкција по завршувањето на активностите поврзани со студентските домови.
– Со заеднички ангажман и во соработка со општествено одговорни компании успеваме да го опремиме училиштето. Многу ни е важно процесот да биде континуиран затоа што дигиталната технологија бргу напредува и овие деца треба да имаат пристап до најновите алатки и решенија што ќе им овозможат полесно учење, поголема самостојност и порамномерно учество во образовниот процес и во секојдневниот живот – рече Јаневска.
Таа посочи дека ограничените ресурси се една од главните пречки за обезбедување подобри услови за квалитетна настава, но оти дел од предизвиците може да се надминат преку поквалитетни обуки, подобра комуникација меѓу сите чинители и стратешко унапредување на инклузивниот образовен систем.
Министерката информира и дека во соработка со Државниот архив на Македонија е изработена книга со основни теми поврзани со државата, како и со значајни настани од светската историја, наменета за учениците со оштетен вид, кои досега немале можност да ги прочитаат овие содржини во соодветен формат.
– Нашата цел е да изградиме образовен систем во кој различностите нема да ги засенат вредностите на учениците. Попреченоста не ја определува личноста и треба да градиме општество во кое секој млад човек ќе добие шанса за избор на сопствената иднина – нагласи Јаневска.
Таа додаде дека одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап е можност за подигнување на јавната свест и за потсетување на обврската на институциите на секое дете да му овозможат да ги оствари своите соништа, таленти и потенцијали.
