Октомври претставува најуспешен месец досега во однос на користењето на националната платформа за интероперабилност. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски соопшти дека во текот на изминатиот месец се реализирани рекордни околу 20 милиони трансакции преку системот.
„За споредба, тоа значи дека се реализираат речиси 650.000 трансакции дневно, додека во 2024 година имало околу 700.000 трансакции месечно. Тоа значи дека денес достигнуваме број на трансакции што претходно се реализирале за цел месец. Овој раст се одразува и врз користењето на порталот за услуги. Октомври беше убедливо најтрансактивниот период на порталот, а околу 300.000 граѓани ги искористиле услугите само во текот на месецот“, изјави Андоновски пред почетокот на деветтото издание на Регионалната конференција за е-трговија во Скопје.
Во текот на оваа недела ресорниот министер очекува да биде промовирана и втората верзија на мобилната апликација, која ќе донесе дополнителни технички и функционални подобрувања.
„Ова е само почеток. Јас и при самото лансирање реков дека станува збор за нов почеток на односот меѓу државата и граѓанинот. Ме радува што повеќе од 30.000 наши сограѓани веќе ја препознаа апликацијата и се нејзини корисници. Тоа се одразува и врз зголеменото користење на порталот. Очекувам дека во наредниот период, со воведувањето нови услуги и поширокото прифаќање на апликацијата, таа ќе заземе значајно место во односот меѓу државата и граѓанинот“, нагласи Андоновски.
Осврнувајќи се на неодамнешната работна посета на Бон каде што престојуваше заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот наведе дека најголем фокус на разговорите бил ставен врз дигиталната трансформација и практичните искуства во областа на сајбер-безбедноста.
„Тие располагаат со центар за сајбер-безбедност, кој ги опслужува компаниите во рамките на групацијата, но и други клиенти низ Европа и светот. Правиме напори вакви инвестиции да привлечеме и во Македонија. Знаете дека државата има удел во Македонски Телеком, а целта е да видиме како ваквите инвестиции и знаења можеме да ги пренесеме и кај нас. Сакаме да создадеме нови компании што ќе се занимаваат со сајбер-безбедност и да им помогнеме на малите и средните претпријатија, вклучително и на учесниците на оваа конференција, да ги зајакнат своите капацитети во процесот на дигитална трансформација и да бидат безбедни и заштитени“, образложи Андоновски.
