Бруно Ретајо, претседателски кандидат на француската десничарска Републиканска партија, најави дека доколку победи на изборите ќе организира референдум за укинување на државјанството по раѓање, односно таканареченото право на тлото. Тој смета дека ваквата реформа нема да биде прифатена од судството доколку не добие директна поддршка од францускиот народ.
Лидерот на Републиканската партија претходно соопшти дека, во случај на изборна победа следната година, планира да го ревидира Уставот. Неговата цел е да го прошири опсегот на прашања за кои може да се одлучува на референдум, вклучувајќи ја и миграциската политика.
„Се обврзувам францускиот народ да ја дефинира имиграциската политика“, изјави Ретајо за радиото „Европа 1“.
Ретајо го отвори ова прашање уште на почетокот на летото, но тогаш не соопшти повеќе детали. Сега најавува закон за намалување на имиграцијата, тврдејќи дека таа повеќе не е корисна за Франција, туку претставува товар.
Кандидатот на француската десница, кој според анкетите на јавното мислење засега нема голема поддршка, смета дека не треба секое лице автоматски да добие француско државјанство само затоа што е родено на територијата на Франција.
Во земјата веќе интензивно се разговара за претседателските избори закажани за следната година, а кандидатите одржуваат митинзи низ цела Франција.
Претседателските избори традиционално ќе се одржат во два круга, на 18 април и на 2 мај 2027 година.
