Ричард Гренел, специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии, на Инстаграм објави видео со панорамски поглед на Скопје и порача: „Скопје, Македонија, е убав град“.
Од Владата потврдија дека Гренел на 29 јули престојувал во приватна посета на Скопје, при што остварил приватна средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
„Амбасадорот Гренел на 29 јули 2026 година престојуваше во Скопје во приватна посета. Во рамки на неговиот престој беше реализирана приватна средба со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски која се одржа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и претставуваше продолжение на пријателските односи и меѓусебната комуникација“, соопштија од Владата.
Гренел и претходно имал повеќе средби со Мицкоски и Муцунски.
