Министерството за спорт е главен покровител на 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Струга 2026“ што ќе се оддржи од12 до 15 август, на отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“. Струшкиот турнир кој е една од од најпрепознатливите спортски традиции во Македонија, се одржува во организација на РК Струга, со поддршка од Ракометната федерација на Македонија.
На денешната прес-конференција во најава на турнирот, министерот за спорт Борко Ристовски изрази поддршка и истакна дека Владата на Република Македонија и Министерството за спорт секогаш ќе стојат зад вакви турнири, федерации, клубови и поединци кои што продуцираат нешто што значи историја и традиција.
-Во Струга повеќе од 50 години се организира овој турнир и ние секогаш со задоволство ќе бидеме покровители, поддржувачи и ќе помагаме во било која форма да биде побарано од нас, затоа што Струшкиот турнир навистина претставува историја за македонскиот спорт, историја за ракометот, но и историја на Струга и историја на Македонија. Новото раководство на турнирот и на РК Струга го сочинуваат сериозни луѓе кои навистина вложија многу за да се направи добар турнир, иако времето беше кратко. Верувам дека од следната година турнирот ќе расте, а ќе настојуваме конечно да се реконструира и игралиштето во Струга и овој турнир да прерасне во нешто налик на турнирот во Добој, турнир од полузатворен тип – истакна Ристовски.
Министерот за спорт потсети на важноста на Струга како расадник на ракометни таленти и најави поддршка во продолжувањето на оваа традиција.
-Струга отсекогаш била расадник на таленти во ракометот, Струга и денес промовира спортски вредности и во овие неколку турнирски денови градот живее во духот на спортот. Ние како Влада и Министерство за спорт ги поддржуваме овие проекти кои промовираат нешто што е наша заедничка цел – промоција на позитивни вредности и што е можно повеќе деца на спортските терени. Се надевам дека заедно ќе успееме Струга повторно да биде успешна ракометна приказна и расадник на ракометни таленти – порача Ристовски.
Спортскиот директор на РК Струга и претседателот на организацискиот одбор на Струшкиот турнир, Милчо Чакарески, го најави новото издание на турнирот и упати благодарност за поддршката од Владата и од Министерството за спорт.
