Амбасадорот на Европската Унија во земјата, Михалис Рокас, истакна дека титулата Европска престолнина на културата претставува една од најзначајните европски иницијативи што ги поврзува културата, демократијата и урбаниот развој. Тој ова го порача на конференцијата „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“, организирана во рамки на проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028“.
Културата како двигател на општествени вредности
Рокас потсети дека иницијативата постои од 1985 година и носи значајни економски и социјални придобивки. Според него, истражувањата покажуваат дека во градовите со развиена културна сцена се намалуваат омразата, популизмот и дезинформациите. „Културата гради мостови врз вредностите на мирот, слободата и демократијата“, нагласи амбасадорот.
Поддршка за Скопје и повик за заедништво
Тој оцени дека Скопје има уште работа пред себе, но истовремено изрази поддршка за досегашниот напредок. „Ова е моментот кога треба да ги здружиме силите, бидејќи Европската Унија е со вас на ова патување – со своето срце и поддршка“, порача Рокас.
На конференцијата, организирана од Град Скопје, културата беше посочена како важен двигател на урбаниот развој, социјалната кохезија и создавањето нов идентитет на градот, додека проектот беше оценет како заедничко дело на граѓаните, институциите и меѓународните партнери.
