Ромите во нашата земја имаат потенцијал да го предводат прашањето на сопствена интеграција и да бидат пример за останатите во регионот. Имаме политичко претставување на Ромите во Владата, во Парламентот, во општините, во институциите и пропорционалната застапеност треба да продолжи да се рефлектира и во останатите ешалони на централната и локалната власт, порача премиерот Зоран Заев, по повод Одбележување на 8 Април Светскиот ден на Ромите и 50 години јубилеј од одржувањето на првиот Ромски конгрес.

Одбележуваме, посочи Заев, 31 година од прогласување на 8 Април за Светски ден на Ромите и 20 години од впишувањето на Ромите во Уставот на нашата земја.

– Низа значајни настани, кои се карактеризираат со храброст, достоинство, доверба и сила во постигнување на целите од стратешките определби за Ромите и светската заедница на народите во која посебно место има за остварувањето на овие цели во Република Македонија, изјави Заев.

Зад нас, нагласи Заев, оставаме десет години од декадата на Ромите и неколку години од објавувањето на ЕУ рамката за интеграција на Ромите.

– Сите овие напори се трансформираа во одредени резултати со кои на ромската заедница им се подобрија можностите за еднакво учество со останатите заедници. МТСП заедно со советникот за инклузија на Ромите во мојот кабинет ќе продолжат со координирање на новата десетгодишна стратегија за Роми, согласно европската рамка и политики. Новата стратегија за Роми треба да ја отслика реалноста на Ромите во нашата земја, но и да обезбеди конкретни мерки, промена на закони, активности и финансиска рамка. Ние како Влада ќе се заложиме за континуирано зголемување на буџетот за да имаме забрзана интеграција на Ромите во нашата држава, рече Заев.

Владата, нагласи тој, продолжува со интегративните и афирмативните мерки во постигнувањето на стратешките определби за Ромите и во тековната 2021 година се планирани околу еден милион евра.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, порача дека процесот на интеграција на Ромите продолжува и нема да запре.

– Направивме национална стратегија за Ромите, со која треба да се осигура социјалната, економска и политичка сфера, особено во заштита од дискриминација и еднаквоста, образованието и здравствените услуги, рече Груби.

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, порача Груби, претставува институционален дом за сите заедници и продолжување да работиме во доброто на сите етнички заедници.

Пратеничката Љатифа Шиковска, порача дека годинава се одбележуваат 50 години од Првиот конгрес на Ромите во Лондон и тоа само ја потврдува оправданоста на барањата на Ромите за надминување на предизвиците со кои се соочуваат.

– Република Македонија може да се пофали со искрените намери за интеграција на Ромите. Тоа го докажува со спомнувањето на Ромите во Уставот, со стратегиите и акционите планови и со одвојувањето на финансиски средства за Ромите, изјави Шиковска.

Македонија, нагласи таа, е лидер меѓу земјите вклучени во декадата на Ромите, во областа на образованието и на многу земји им служиме како пример за јак граѓански сектор и добра координација со државните инстуции.

Елвис Мемети, советник за инклузија на Ромите во Кабинетот на премиерот, рече дека на ромската заедница и е потребна храброст за да потврди дека припаѓа на група која е подеднакво вредна за етничките мнозинства.

– Тоа не е барање за помош, туку е разумно позиционирање за да со визија, интелект, храброст и лојалност ја постигнеме нашата цел во општествата каде што живееме. Треба да приоѓаме не од позиција на слабост, апатија и безнадежност туку од место на достоинство, вредност и сила, рече тој.

Мемети рече дека на Денот на Ромите 8 Април, „ние всушност кажуваме дека нашиот политички идентитет ја надминува нашата етничка култура и нашата заедничка историја.