Македонија со потенцијал за развој на стратешки минерали

Растечката глобална побарувачка за минерали како антимонот го зголемува вниманието кон рударскиот сектор во Македонија. Според проценки, овој сектор може да донесе економски придобивки преку нови инвестиции, отворање работни места и зголемени буџетски приходи.

Интересот за домашните минерални ресурси е сè поизразен, при што се посочуваат конкретни проекти и нивниот потенцијал за економски развој. Во анализите се наведува дека рударството има растечко значење во глобални рамки, особено во услови на нестабилни пазари и зголемена конкуренција за суровини.

СЕФ и експертите за улогата на рударството во глобалната економија

Според анализа на Светскиот економски форум, рударството има потенцијал да придонесе за економски раст во услови на глобални трговски нарушувања и промени во синџирите на снабдување.

Во анализата се наведува:

„Рударските проекти за антимон што некогаш се сметаа за премногу мали, далечни или сложени сега привлекуваат сериозно внимание. Оваа промена отвора нови пазари и ја зајакнува соработката меѓу сојузничките земји. Во региони во Централна и Источна Европа, односно во Северна Македонија и Словачка, но и Централна Азија, земјите работат на рестартирање на неактивните рудници за антимон“

Експертите додаваат:

„Ова е шанса… Доколку владите и индустријата можат да го сторат ова правилно, антимонот би можел да стане модел за градење отпорност пред да се појави следната точка на застој во синџирот на снабдување со критични минерали“

Стратегиски документи и економски ефекти од рударството

Домашните експерти укажуваат дека рударството има потенцијал, но и сериозни предизвици кои бараат долгорочен пристап и институционална поддршка.

Во Стратегијата за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини 2026–2046 се наведува:

„Проширувањето на рударската и минералната индустрија вклучува огромни инвестиции во делови од земјата каде што таквите инвестиции беа долго време видливо отсутни. Ова е добредојден развој, но исто така со себе носи суштински барања. Заедниците што растат заедно со рударската индустрија, исто така, мора одржливо да се изградат. Мора да се создадат атрактивни животни средини кои обезбедуваат висок стандард на населението и да се избегнат ситуации кога работната сила се иселува“

Во стратегијата се додава:

„Еден денар вредност на производство што го создава секторот рударство и вадење на камен генерира дополнителни 0.3 денари производство во другите сектори и дејности кои на некој начин се поврзани со производните процеси на компаниите од секторот рударство“

Се посочува и дека рударството има директни и индиректни економски ефекти преку вработување, приходи и даноци, како и дека Македонија треба да развива извозно ориентиран модел на раст.

Во документот се нагласува дека антимонот и бакарот се меѓу стратешките минерали со зголемена побарувачка, а за бакарот се наведува дека земјата има значајни потенцијали и проекти со инвестиции, извоз и вработувања.

Дополнително, статистиката покажува пад во индустриското производство и бројот на вработени во рударството во последниот период, што отвора прашања за идниот развој на секторот.