Суфицитот во салдото од тековните плаќања на Русија за вториот квартал на оваа година достигнал рекордни 70,1 милијарда долари.

Тоа е последица на растечките приходи од извозот на енергенси и други стоки, како и намалувањето на извозот предизвикано од наметнатите санкции поради инвазијата врз Украина.

Според податоците на Централната банка на Русија, тоа е најголемиот суфицит на руската тековна сметка од 1994 година. Салдото на тековната сметка е најширокиот показател за состојбата во трговијата со стоки и услуги.

За вишокот најмногу придонел колапсот на увозот предизвикан од санкциите, што се смета клучно за економски спас на Русија, во услови кога САД и нивните сојузници се обидуваат да го изолираат руското стопанство.

Според Руската централна банка, вкупниот суфицит на тековната сметка на Русија за првите шест месеци од 2022 година достигнал 138,5 милијарди долари.

Вкупниот износ на извозот од Русија во второто тромесечие годинава изнесува 153,1 милијарди долари, што е нешто помалку споредбено на 166,4-те милијарди долари забележани во првиот квартал.

Податоците на Банката на Русија уште покажуваат дека и увозот се намалил во периодот април-јуни на 72,3 милијарди долари од 88,7 милијарди претходните три месеци.

Растечкиот суфицит на тековната сметка, во комбинација со строгите контроли на капиталот што ја ограничуваат побарувачката за девизи, и помогнаа на рубљата да стане валута со најдобри перформанси оваа година меѓу конкурентските економии во развој.