Руските власти го уапсија генерал-полковникот Јуриј Грехов, заменик-главен командант на руските Воздухопловно-вселенски сили, под обвинение за примање поткуп во особено големи размери. Информацијата ја објави руската агенција РБК, повикувајќи се на извори во безбедносните структури.
Грехов се товари според член 290, став 6 од рускиот Кривичен законик, кој се однесува на примање поткуп во особено голем износ. Според податоците од руските медиуми, генералот целосно ја негира вината за делото што му се става на товар.
На 25 ноември, 235. гарнизонски воен суд во Москва донесе одлука за одредување притвор во траење од два месеца. Мерката е изречена на официјално барање на Главната воена истражна управа при Истражниот комитет на Русија.
Првичната вест за приведувањето ја соопшти весникот „Комерсант“ врз основа на судски податоци, без наведување на конкретните причини, по што следеа дополнителни извештаи со детали за сомневањата за коруптивни активности.
Грехов од 2021 година ја извршува функцијата заменик-главен командант на Воздухопловно-вселенските сили, каде што раководеше со опремувањето на единиците со вооружување и воена техника. Оваа висока команда ги опфаќа военото воздухопловство, противвоздушната и противракетната одбрана, како и вселенските сили на руската армија.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека во моментов нема информации за приведувањето на високиот воен офицер. Официјалните институции сè уште не откриваат детали за точниот износ на поткупот.
Истрагите за корупција меѓу високите функционери во руското Министерство за одбрана бележат зголемување по кадровските промени во мај 2024 година, а меѓу претходните случаи е и десетгодишната затворска казна за проневера и поткуп изречена на Руслан Цаликов.
