Русија во текот на изминатата недела извршила масовни напади врз Украина, користејќи повеќе од 3.000 беспилотни летала, над 1.450 наведувани авиобомби и 40 ракети од различен тип, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој нагласи дека голем дел од дроновите биле од типот „Шахед“ и оцени дека руските напади не стивнуваат, туку се засилуваат.

– Мораме заеднички да произведуваме модерни одбранбени системи потврдени во војна. Треба да ги обединиме нашите капацитети за луѓето да живеат во мир во Европа, на Блискиот Исток и во другите делови од светот – порача Зеленски.

Според него, истите типови дронови и балистички ракети се користат и во други региони, вклучително и на Блискиот Исток, што дополнително ги загрозува глобалните пазари и поморските рути.

Зеленски информираше дека украински експерти веќе направиле проценка на одбранбените капацитети на Катар и подготвиле конкретни предлози за зајакнување на противвоздушната одбрана во регионот.