Најмалку две лица загинаа, а 30 се повредени откако Русија во текот на ноќта извршила масовен ракетен напад врз Украина. Според досегашните информации, во нападот била употребена балистичката ракета со среден дострел РС-26 „Рубеж“, позната и како „Орешник.“
Еден од нападите бил регистриран во поширокото подрачје на Била Церква во регионот Киев. Информацијата за употребата на ракетата ја потврдил Јуриј Ихнат, портпарол на украинските воздухопловни сили, кој навел дека таа била испалена од воениот полигон Капустин Јар во Русија. Доколку се потврди, ова ќе биде трета регистрирана употреба на ова оружје од страна на руските сили против Украина. Русија првпат ја употреби ракетата „Орешник“ во напад врз Днепар на 21 ноември 2024 година, а вториот таков напад бил регистриран во регионот Лавов на 9 јануари 2026 година.
„Орешник“ е балистичка ракета со среден дострел, способна за големи брзини и маневрирање во последната фаза од летот, поради што, според западните воени аналитичари на кои се повикуваат „Ројтерс“ и „Би-Би-Си“, нејзиното пресретнување е отежнато.
