Наскоро би можело да биде потпишан сеопфатен договор за стратешка соработка меѓу Русија и Иран, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

Песков рече дека руската верзија на текстот на договорот и била предадена на иранската страна во средината на јуни и оти била пофалена во Техеран.

– Се надеваме дека по некои дополнителни амандмани, кога ќе се земе предвид мислењето на иранската страна, тој ќе биде потпишан доста брзо и во блиска иднина, нагласи портпаролот на Кремљ.

Одговарајќи на прашање кога трговскиот промет меѓу Русија и Иран може да се зголеми од сегашните четири милијарди долари на 10 до 15 милијарди долари, Песков рече дека оваа бројка може да биде и поголема.

Според него, рускиот претседател Владимир Путин е „убеден поддржувач на идејата за поставување на најамбициозните цели“.

– Сигурен сум дека претседателот Путин верува дека е можно да се постигне повеќе. Тоа се реални одредници за нас, потенцијалот на нашите две земји е многу голем, а има и големи резерви, така што и Москва и Техеран имаат уште работа да завршат и тоа не само на билатерално ниво, рече портпаролот на Кремљ.