Русија воведува бесцарински продавници во кои дипломатите ќе можат да купуваат производи од Запад за девизи, што многу Руси би можело да потсети на злогласните продавници „Бериоска“ кои беа официјална привилегија за време на советската ера, пишува „Гардијан“.

Продавниците, кои би можеле да се отворат наесен, ќе продаваат увезена стока која тешко може да се најде во редовните руски продавници бидејќи странските компании ја напуштаат земјата поради војната во Украина.
За да купуваат во такви продавници, клиентите ќе треба да приложат официјален документ со кој докажуваат дека се странски дипломати, вработени во меѓународни организации или членови на нивното семејство. Продавниците ќе прифаќаат и плаќање во долари и евра.

„Тоа е тотален СССР“, напиша Сергеј Смирнов, главен уредник на рускиот весник Медиазон, кој известуваше за оваа нова одредба откако беше објавена од официјалниот руски парламентарен весник.