Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска изјави дека ја поздравува најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за испраќање 5.000 војници во Полска, но додаде дека стратешкиот тренд и понатаму е насочен кон посилна Европа која помалку ќе зависи од САД за својата одбрана.

Пред почетокот на состанокот на НАТО во шведскиот град Хелсингборг, Руте нагласи дека сегашната траекторија води кон зајакнување на Европа и на Алијансата со цел со текот на времето, чекор по чекор, да се намали потпирањето само на еден сојузник.

Според него, овој зацртан процес на постепено осамостојување на европските одбранбени капацитети во рамките на НАТО ќе продолжи и во иднина, без оглед на моменталните билатерални распоредувања на американските трупи.