НАТО реагираше откако руски дрон се урна врз станбена зграда во романскиот град Галац

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска испрати остра порака до Москва по синоќешниот инцидент во Романија, каде руски дрон падна врз станбена зграда и повреди две лица.

По разговорот со романскиот претседател Никушор Дан, Руте оцени дека последниот инцидент уште еднаш покажува дека последиците од војната во Украина се чувствуваат и надвор од украинските граници.

„Неодговорното однесување на Русија е опасност за сите нас. Таа продолжува да ги гаѓа цивилите и цивилната инфраструктура низ цела Украина. И синоќа повторно се покажа дека импликациите од нејзината нелегална агресивна војна не запираат на границата“, рече генералниот секретар на НАТО.

Тој нагласи дека Алијансата стои зад Романија и дека НАТО ќе ја брани секоја своја членка.

„Ја изразив солидарноста на НАТО со Романија и му реков на романскиот претседател дека НАТО е подготвено да го брани секој сантиметар од територијата на сојузниците“, изјави Руте.

Дронот паднал врз станбена зграда во Галац

Според романското Министерство за одбрана, дронот влегол во романскиот воздушен простор за време на руски напад врз Украина и се урнал врз покрив на станбена зграда во градот Галац.

Во инцидентот биле повредени две лица.

По активирањето на воздушната тревога, романските власти испратиле два борбени авиони Ф-16 и еден хеликоптер, а населението во пограничниот регион добило предупредување.

Ќе продолжиме со поддршката за Украина

Генералниот секретар на НАТО порача дека Русија мора да ја запре агресијата и нападите врз цивилни цели.

„Војната на Русија мора да заврши, како и непочитувањето на безбедноста на цивилите од страна на Русија. Од наша страна, ние ќе продолжиме да ги зајакнуваме нашите способности за одвраќање и одбрана и ќе ја продолжиме нашата поддршка за Украина додека се брани од руската агресија“, рече Руте.