Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека вчера во парламентот имало состанок меѓу политичките партии во обид да се постигне решение за спорните прашања околу измените на Изборниот законик. Договор не бил постигнат, а Мицкоски рече дека по состанокот е сè помалку оптимист дека ќе се дојде до согласност.

На состанокот, како што изјави премиерот, ВМРО-ДПМНЕ јасно го кажала ставот дека поголем опфат на дијаспората во изборниот процес е стратешка цел за партијата. Од другата страна, конкретно СДСМ и Левица, според него, излегле со позиции што за носечката партија во власта се неприфатливи и се поставуваат со цел да нема договор.

Мицкоски рече дека разговорите ќе продолжат и утре, но додаде дека по вчерашниот состанок сè помалку верува оти ќе се постигне согласност за Изборниот законик.

„Дел од политичките партии излегоа со сосема радикализирани позиции. Едната беше да се гласа во рамките на Државната изборна комисија со консензус, нешто што за нас не е прифатливо. Тоа е позиција која некој ја поставува за да нема договор. Второ, политичката партија Левица излезе со барање за повеќе средства за кампањата, односно да има повеќе пари за рекламирање, како и да има една изборна единица, од СДСМ ги знаете барањата и така натаму. Нашиот став е јасен. Сакаат повеќе пари? Добро, нека има помалку за нас, а повеќе за нив. За тоа сме согласни. Согласни сме и да има една изборна единица. Подготвени сме да ги прифатиме сите барања на СДСМ и на коалициските партнери на СДСМ. Немаме никаков проблем“, рече Мицкоски.

Изјавата ја даде одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Кавадарци, каде присуствуваше на поставување камен-темелник за изградба на нов објект во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“.

Надополнувајќи го одговорот, премиерот рече дека принципиелно во демократија одлуките не се носат со консензус, туку од страна на мнозинството. Во тој контекст додаде дека Македонија не е ниту консензуална држава, ниту еднопартиски систем.

„Тоа е едното. Второ, мораме да најдеме начин. Ние на маса го претставивме и нашиот предлог – да се гласа по пат на пошта, со писма, како што тоа е овозможено во неколку десетици земји-членки на Европската Унија. Значи, подготвени сме да прифатиме, сè да прифатиме и една изборна единица, како и поголем буџет за оние партии што не се дел од четирите најголеми. Нека има, нека се рекламираат ако сметаат дека тоа им е важно, само да го донесеме Изборниот законик“, изјави Мицкоски.

Според него, кај СДСМ и Левица постои страв од пораз на следните парламентарни избори и затоа се обидуваат да го бојкотираат процесот на донесување на измените на Изборниот законик. Мицкоски рече и дека, на тој начин, земјата ризикува да не испорача десет од десет индикатори од Реформската агенда.

Во таа насока, тој рече дека сметале оти имаат работа со зрели и одговорни луѓе, но, според него, очигледно е дека надвладуваат партиските и финансиските интереси.

„Во ред девет од десет ќе има, а единствениот преостанат е Изборниот законик. Ние не сакаме тој да се носи со европско знаменце, ниту целиот процес да биде некако изнасилен. Мислевме дека имаме работа со зрели и одговорни луѓе кои се грижат за иднината на земјата, но очигледно е дека партиските интереси, партиското политичко мочуриште, финансиските интереси и некои други интереси се пред и над се ние тука не можеме да помогнеме. Разговорите ќе продолжат утре, но по вчерашниот состанок сè помалку сум оптимист“, рече Мицкоски.