На територијата на државата до 18 часот денеска биле регистрирани вкупно 21 пожар на отворен простор. Од нив, пет се активни, пет се ставени под контрола, а 11 се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според информациите од ЦУК, активен е пожарот во Општина Струга, на потегот меѓу селата Буринец, Локов, Селце и Елевци, каде што гори високостеблеста шума. Во Општина Македонски Брод активен е пожарот кај селото Белица, во месноста Кајорец, кој зафатил нискостеблеста и мешана шума.

Огнот сè уште е активен и кај селото Брест, во месноста Рамно во Општина Чучер-Сандево, каде што гори мешана шума. Во Општина Ново Село активни се два пожара – кај селото Стиник, каде што е зафатена ниска вегетација, и на потегот од селото Борисово кон селото Колешино, каде што гори ниска вегетација и нискостеблеста шума.

Под контрола е шумскиот пожар кај селото Бенче во Општина Македонски Брод. Контролирани се и пожарите кај селото Тајмиште, во месноста Дарда, каде што горела ниска вегетација, како и кај селото Кнежино, на местото викано Црн Камен, каде што биле зафатени ниска вегетација и пенушки. Двата пожара се на територијата на Општина Кичево.

Под контрола се ставени и пожарот на градската депонија во Општина Делчево, каде што горело ѓубре, и пожарот кај селото Осиче во Општина Крива Паланка, кој зафатил ниска вегетација.

Како што соопшти ЦУК, изгаснати се пожарите кај селото Враништа, каде што горела дива депонија, и кај селото Радолишта, каде што била зафатена депонија, двата на територијата на Општина Струга. Изгаснат е и пожарот во кумановската населба Перо Чичо, кој зафатил ниска вегетација и ѓубре.

Во Општина Карпош се изгаснати пожарите кај Железни Мост и на булеварот „Илинден“, во близина на „Водовод“, каде што горела ниска вегетација. Локализиран и изгаснат е и пожарот кај селото Крушеани во Општина Кривогаштани, кој исто така зафатил ниска вегетација.

Изгаснати се и пожарот на депонијата кај селото Банско во Општина Струмица, пожарот кај селото Желино во Општина Желино, каде што гореле ниска вегетација и ѓубре, како и пожарот кај селото Вратница во Општина Јегуновце, кој зафатил ниска вегетација.

Целосно се изгаснати и пожарот во шума кај селото Грачани во Општина Ѓорче Петров и пожарот кај хотелот „Њу Стар“ во Општина Шуто Оризари, каде што гореле ѓубре и ниска вегетација.