САД иницираат коалиција за заштита на клучниот поморски премин

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп започнува иницијатива за формирање меѓународна коалиција за обезбедување на Ормутскиот Теснец, по, како што се наведува, блокада од страна на Иран на овој стратешки поморски премин.

Според информациите што ги пренесува „Скај њуз“, повикувајќи се на документ до кој имал увид NBC News, новиот план носи име „Maritime Freedom Construct“ и предвидува координирани дипломатски и економски мерки против Иран, како и размена на разузнавачки информации со цел безбеден транзит на бродовите.

Во документот се наведува дека иницијативата треба да ги надополни постојните напори предводени од Велика Британија и Франција.

Тензии со сојузниците и нови воени потези

Иако се бара меѓународна соработка, иницијативата доаѓа во период на затегнати односи со европските сојузници. Трамп претходно упати остри критики кон НАТО и европските држави, обвинувајќи ги дека не придонеле доволно во кризите.

Во меѓувреме, американски претставници потврдија дека околу 5.000 американски војници ќе бидат повлечени од Германија. Дополнително, Трамп најави дека се разгледува можност за намалување на военото присуство и во Италија и Шпанија.