Милиони дози вакцини против Ковид-19 ќе бидат уништени во САД во услови на глобален недостиг на лекови против коронавирусот, јави „Гардијан“ коментирајќи дека пропаднаа плановите на властите во земјата дека секој Американец ќе сака да се вакцинира.
Уште летоска, повеќето вакцини почнаа да истекуваат, а тоа дојде во услови на раширен скептицизам за вакцинацијата.
Најмалку 15 милиони дози биле фрлени меѓу март и септември, според анализата на Администрацијата за храна и лекови на САД. Одделна студија покажа дека еден милион дози биле фрлени во 10 држави помеѓу декември и јули.
Луизијана, на пример, фрлила 224.000 неискористени дози вакцини, стапка што скоро тројно се зголеми од крајот на јули. Експертите коментираат дека тоа се случува во екот на четвртиот бран кој е најсмртоносен досега во САД.
Илјадници дози се фрлаат секој ден во Висконсин. Повеќе од 65.000 дози се фрлени во Алабама, во Тенеси речиси 200.000.
Веста доаѓа во услови на глобален недостиг на вакцини, додека милиони луѓе ширум светот ги чекаат нивните први дози. Само еден процент од населението на сиромашните земји добиле една доза од лекот од јули, во споредба со повеќе од половина од населението во богатите земји.
Многу од фрлените дози доаѓаат од аптеките – сега околу 7,6 милиони фрлени дози се од четири големи аптеки: Walgreens, CVS, Walmart и Rite Aid.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден инсистира американските резерви на вакцини да се користат за засилувачки дози.
Производителите на вакцини веќе развиваат опции за намалување на бројот на дози во една вијала од препаратот.
Бајден вети дека следната година ќе вакцинира 70 проценти од светот и ќе донира неколку милиони дози за употреба во странство.