Сириски државјанин е уапсен во северен Либан поради сомневања дека подготвувал напад врз папата Лав XIV за време на неговата посета од 30 ноември до 2 декември 2025 година. Либанските безбедносни служби тврдат дека осомничениот бил поврзан со „Исламска држава“ и добил задача да организира атентат. Според нивните информации, подготовките започнале, но планот не стигнал до реализација.
Апсењето било извршено во областа Батрун, по операција на разузнавачката служба на либанската армија и подолготрајно следење на активностите на мажот. Повеќе медиуми пренесуваат дека тој нелегално влегол во Либан и одржувал контакти со припадници и раководители на „Исламска држава“ во Сирија.
Според неговото сведочење пред истражителите, меѓу задачите што ги добил била и подготовка на напад за време на тридневниот престој на папата во земјата. Либанските медиуми наведуваат дека осомничениот ги следел локациите низ кои требало да помине папата и се обидувал да открие пропуст во безбедносниот кордон.
Безбедносните извори тврдат дека мажот почнал да ја подготвува операцијата, но не преминал во фазата на извршување. Извештаите се разликуваат околу причините поради кои нападот не бил реализиран. Според една верзија, осомничениот немал доволно ресурси, додека други информации ги посочуваат строгите безбедносни мерки за време на посетата како пречка за спроведување на планот.
По апсењето му бил одземен мобилниот телефон, а според извештаите, осомничениот бил предаден на Воениот суд. Покрај наводната подготовка на атентатот, либанските безбедносни извори го поврзуваат и со други задачи насочени кон дестабилизација на безбедноста во земјата и ширење страв меѓу населението.
Папата Лав XIV престојуваше во Либан во рамките на своето прво патување во странство по изборот за поглавар на Католичката црква. Посетата од 30 ноември до 2 декември 2025 година опфати средби со највисоките државни и верски претставници, посети на верски места, средба со млади луѓе и света миса во Бејрут.
Либанските безбедносни служби оценуваат дека ситуацијата е под контрола, но предупредуваат оти и натаму постои ризик од присуство на припадници на „Исламска држава“ и други екстремистички групи.
– Некои луѓе од „Исламска држава“ или од други групи со такви убедувања претставуваат заспани ќелии, но ние секогаш сме на штрек – изјавил безбедносен извор, пренесуваат медиумите.
По избувнувањето на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, Либан беше погоден од серија напади поврзани со екстремистички групи. Меѓу нив имаше самоубиствени бомбашки напади и напади со автомобили-бомби.
„Исламска држава“ никогаш не воспоставила трајна територијална контрола во Либан, но нејзини припадници, како и други екстремистички групи, со години дејствувале долж сириската граница. Во 2017 година, либанската армија спроведе операција против припадници на организацијата и други вооружени групи во пограничниот регион.
Во изминатите години, либанските власти уапсија повеќе лица осомничени дека биле високи оперативци или членови на „Исламска држава“.
Истрагата за наводниот план за напад врз папата продолжува. Според објавените информации, податоците добиени од осомничениот треба да бидат споделени и со сириските власти.
