За време на говорот на Денот на ветераните на Националните гробишта Арлингтон во Вирџинија, американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека американската војска веќе победила и дека Вашингтон може самостојно да одлучи кога да го заврши конфликтот.
„Ние возвративме и победивме. Само е прашање кога сакаме да ја завршиме војната“, рече Трамп.
Сепак, американскиот претседател не објави крај на воените операции ниту пак повлекување на американските сили од регионот. Тој нагласи дека не сака да ја запре војната пред САД целосно да ги постигнат сите свои зацртани цели.
Трамп посочи дека САД не ја започнале војната со Иран, туку дека официјален Техеран со децении наназад водел непријателска политика насочена кон Вашингтон.
„Америка не ја започнала војната со Иран. Иран е во војна со Америка од 1979 година“, рече Трамп.
„Сакаме да бидеме сигурни дека сме постигнале целосна победа, а не победа од 93 проценти. Тоа ќе биде целосна победа“, рече американскиот претседател.
Американскиот лидер исто така тврдеше дека на Иран ќе му бидат потребни цели 25 години за да го обнови она што американските сили успеале да го уништат. Тој изрази надеж дека дополнително уништување нема да биде потребно и повтори дека американските бомбардери Б-2 успешно го спречиле Иран да дојде до нуклеарно оружје.
За време на своето обраќање, американскиот претседател ги спомена и паднатите американски војници, наведувајќи дека во конфликтот се изгубени 18 животи, по што повторно најави претстоен завршеток на судирот.
„Изгубивме 18 прекрасни луѓе, но кога овој конфликт ќе заврши, а наскоро ќе заврши, целиот свет ќе биде многу побезбедно и помирно место“, рече Трамп.
Ваквата изјава доаѓа по повеќемесечни најави за брз крај на воените дејствија. Уште во април, Трамп тврдеше дека конфликтот наскоро ќе заврши, а во текот на летото постојано повторуваше дека Иран е воено поразен.
Во неделата, на 8 ноември, тој прогласи американска победа, напоменувајќи дека конфликтот сè уште треба формално да се заврши. Само еден ден подоцна, по телефонскиот разговор со катарскиот премиер, изјави дека Иран е практично воено поразен и дека постои реална можност за постигнување договор.
И покрај прогласувањата за победа од страна на Трамп, поморската блокада врз Иран од страна на САД продолжува со исто темпо. Вашингтон одржува силно воено присуство во регионот, а американските сили спроведуваат мерки за ограничување на иранската трговија и приходите.
Трамп во понеделникот порача дека во моментов не гледа потреба од нови големи воени напади, но подвлече дека силите се целосно подготвени соодветно да одговорат доколку околностите на теренот се променат. Во исто време, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека разговорите со Техеран сè уште немаат донесено никаков конкретен напредок.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи ја отфрли можноста конфликтот да заврши само со воена сила или со постојано зголемување на санкциите, нагласувајќи дека Вашингтон мора да ги прифати условите поставени од Иран и да пристапи кон дијалогот со почит.
Воените судири започнаа на 28 февруари со нападите на САД и Израел врз ирански цели. Конфликтот доведе до големи нарушувања во глобалното снабдување со нафта, силен раст на цените на енергенсите и внатрешно политичко незадоволство во САД, каде што републиканците го загубија своето мнозинство во двата дома на Конгресот.
