Во телевизиското гостување во емисијата Тема на денот на Сител Телевизија, премиерот Христијан Мицкоски изрази длабок сомнеж дека висината на буџетот за судството и јавното обвинителство претставува главна причина за слабите резултати во домашното правосудство.

„Јас можам да ви гарантирам дека не станува збор за парите. Еве сега преку судски буџет судовите во Македонија добија дозвола за вработување на преку 200 луѓе, и догодина ќе добијат уште толку. Платите им се покачени на судиите и чекаме одлука на Уставниот суд за обвинителите, но каква и да биде, позитивна или негативна, и тие ќе добијат покачување на платите. Ќе се доведеме во една ситуација во која што да речеме, многумина од судиите во апелација ќе имаат повисока плата од претседателот на Владата. Но и тоа нека биде така. Јас ви гарантирам дека сето злато на светот да им го дадеме, ако нема чувство на одговорност и правдољубивост бадијала е се“, посочи Мицкоски.

Премиерот подвлече дека актуелниот државен буџет предвидува значително поголем износ на финансиски средства за потребите на обвинителството и судовите во споредба со претходните години, што пропорционално надминува дури и издвојувања во дел од земјите членки на Европската Унија.

„Јас зборувам за една мала група на луѓе, кои што ги контаминира другите луѓе. Еве да речеме каква е одговорноста на Врховниот суд? Дали некој прашува како работи Врховниот суд? Зошто кривичниот оддел при Врховниот суд континуирано поништува дела каде што се засегнати функционери од ДУИ и ги враќа во прв степен за да застарат? Граѓаните се шокирани од ваквите одлуки. Затоа велам може да имате прекрасни судии, и има прекрасни судии со одлуки поврзани со правото стотици, но една ваква одлука се’ поништува. Затоа што ова е политички сензитивна одлука, кога вие како судии во Врховен суд ќе вратите дело кое што поминало во Основен и на Апелација повторно на почеток, затоа што знаете дека тоа дело ќе застари и нема време лицето да биде правосилно осудено“, истакна Мицкоски.

Тој упати јавен повик до медиумите детално да го истражат профилот на судиите кои учествувале во носењето на судските одлуки за предметите „Ласкарци“ и „Модуларната болница“, како и мотивите за таквите пресуди. Според него, ваквиот тип на судски решенија предизвикува голема фрустрација и револт кај граѓаните и кај него лично, бидејќи директно го урива чувството за вистинска борба против криминалот.

„Сте слушнале ли за отчет на Врховниот Суд, еве за Кривичниот оддел? Сте виделе ли вие кои се таму судии во кривичниот оддел? Еве проверете“, рече Мицкоски.