Тројца мажи се обвинети во САД дека, како оперативци поддржани од Иран, планирале речиси 20 напади врз еврејски заедници во Европа и САД, како и врз британската воздухопловна база Ферфорд, соопштија американските власти.

Обвинети се Мохамад Бакер Саад Давуд ал Саади, со двојно иранско и ирачко државјанство, Мохсен Мохаџери, ирански државјанин и ирачкиот државјанин, Мохамад Али ал Хасани. Од нив само Ал Саади се наоѓа во притвор.

Американскиот обвинител, Џејми Мекдоналд, од Федералниот суд во Менхетен синоќа соопшти дека Ал Саади кој беше уапсен пролетта, продолжил да ги координира активностите на сообвинетите во пресрет на обидот во септември за спроведување терористички план против британската воздухопловна база „Ферфорд“, каде што биле стационирани американски бомбардери и воен персонал.

– Заканата што Иран и терористичките групи што ги поддржува ја претставуваат за САД и нивните сојузници не е хипотетичка, туку е сосема реална, изјави обвинителот.

Обвинението открива нови детали за случајот што повеќе од еден месец беше обвиен со мистерија. Откако во близина на воздухопловната база „Ферфорд“ во западна Англија биле забележани три сомнителни комбиња, ноќта по полноќ на 27 септември биле уапсени пет лица осомничени за кривични дела поврзани со експлозиви и тероризам. Неколку дена подоцна бил уапсен и шестиот осомничен, со двојно британско и иранско државјанство. Сите подоцна биле пуштени на слобода со кауција.

Британските власти го поврзаа случајот со Иран, кој негираше каква било вмешаност.

По апсењата, американската војска ги премести бомбардерите што беа стационирани во базата во нивните матични бази во САД.

Американскиот државен обвинител, Тод Бланш, изјави дека американската влада ќе ги гони сите што „подготвуваат терористички план против воена база во која се распоредени американски војници“.

Според обвинението, Ал Саади користел шифриран јазик во комуникацијата со роднините од затворот, давајќи им инструкции како да префрлаат пари на други лица кои требало да ги извршат нападите.

Во обвинението се наведува дека тројцата се договарале како да ги искористат своите контакти во Велика Британија за извршување терористички напади во име на мрежа поврзана со Иран, во која биле вклучени Исламската револуционерна гарда и групата Катаиб Хезболах.

Ал Саади во јуни се изјаснил за невин по обвиненијата дека планирал најмалку 18 напади во Европа, како одмазда за американската и израелската војна против Иран. Тој е прогласен за воен заробеник, а се наоѓа во притвор без можност да биде пуштен со кауција.

Американската влада ги прогласи Катаиб Хезболах и Исламската револуционерна гарда за терористички организации. Американските обвинители тврдат дека Ал Саади бил командант на Катаиб Хезболах.