Американската војска од 14 август, за нецели пет дена, од Авганистан евакуираше околу 7.000 лица, изјави денеска претставник на американското Министерство за одбрана, додавајќи дека војската е подготвена да ја зголеми евакуацијата бидејќи се повеќе Авганистанци се обидуваат да ја напуштат земјата.

-Од почетокот на евакуацијата, на 14 август, превезовме околу 7.000 лица, изјави генералот Хенк Тејлор.Според него, речиси 12.000 лица се евакуирани од крајот на јули.

Меѓу евакуираните се членови на американската Амбасада и Авганистанци кои работеа за САД, а токму тие побараа специјални имиграциски визи од страв од одмазда од талибанците.

Тејлор додаде дека американската војска е подготвена да евакуира уште повеќе луѓе од аеродромот во Кабул.

-Ова зголемување на евакуираните се должи како на зголемувањето на бројот на авиони, така и на можноста за патување со авион, побрзата обработка на евакуираните и поголема информираност и точност во известувањето, додаде генералот Тејлор.

Тој објасни дека во моментов 5.200 американски војници го обезбедуваат транспортот од аеродромот во Кабул, и тоа на што поголем број излези, што помага да се подобри пристапот до авионите, бидејќи огромен број луѓе сакаат да побегнат од Талибанците.

-Во изминатите 24 часа, САД во Кабул испратија 13 транспортни авиони „Ц-17“, од кои 12 полетаа, превезувајќи повеќе од 2.000 луѓе, рече генералот.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден вети дека од Авганистан ќе ги изведе сите американски државјани и што е можно повеќе Авганистанци, поради стравот од одмазда на талибанците против оние што им помогнаа на западните сили за време на 20-годишната војна