-Историскиот Преспански договор покажа дека државите во Западен Балкан се способни да исполнуваат тешки работи, да прават компромиси и да наоѓаат решенија. Убедени сме дека Бугарија и Северна Македонија ќе го направат истото преку преговарање на нивните билатерални спорови надвор од пристапниот процес со ЕУ. САД ги охрабруваат сите напори на ЕУ и нејзините земји-членки да им помогнат на страните полесно да го постигнат овој резултат, вели портпаролот на Стејт департментот.
Тој, исто така, додава дека САД се силни поддржувачи на кандидатурите за членство во ЕУ на сите аспиранти од Западен Балкан.
-Веруваме дека иднината на Западен Балкан е целосно во ЕУ. Процесот на проширување промовира долгорочен мир, стабилност и просперитет во регионот, наведува портпаролот на Стејт департментот.
Австриската министерка за Европа и Устав Каролине Едштадлер при денешната посета на Скопје понуди Австрија да посредува во преговорите меѓу С Македонија и Бугарија со цел да се отстрани бугарското вето, и земјата да може да ги почне пристапните преговори со ЕУ.
Според неа, би било голема грешка доколку билатералните конфликти и нерешени историски прашања бидат причина државата да не ги почне преговорите за влез во Унијата.