Забраната за влез во Бугарија на другите два премини беше соопштена во февруари годинава, но одлуките за рестрикциите и условите за влез често се ревидираат од страна на сите држави од соседството, па граѓаните не секогаш знаат точно. За празниците кои поминаа и слободните четири дена повеќе наши сограѓани заминаа некаде, а засилен беше интересот и за Бугарија. Со направен ПЦР тест, границата се поминува без проблем, но не и кај Ново село. Таму колона од македонски возила била вратена и патниците, меѓу кои имало и доста деца биле вратени назад кон Македонија. Патниците за Фактор сведочат дека по враќањето морале повторно да заминат кон Македонија па кон Деве Баир од каде отишле во Бугарија.

-Изгубивме околу 4 часа, односно возевме плус уште толку. Не е ничија вина, туку наша, не сме биле информирани, но откако се вративме разбравме дека тоа не го знаат и многу други луѓе. Добро е да се знае затоа што тоа е секојдневие, односно секојдневно македонски државјани се принудени да се враќаат, вели соговорник на „Фактор“.

Бугарија соопшти во февруари дека за влез во земјата ќе биде отворен Деве Баир-Ѓуешево, при што граѓаните кои поминуваат мора да приложат негативен ПЦР ковид тест. На останатите два гранични премина Делчево и Ново Село,може да поминуваат само возачи на тешки моторни возила кои ќе транзитираат, но и македонски студенти и ученици кои учат во Бугарија. За нив не се бара да приложат доказ дека се негативни на Ковид-19 , а студентите мора да потврдат дека студираат во Бугарија.

Од тогаш секојдневно некој е вратен од Ново село и Делчево.

-Од 17 февруари, Бугарија направи промена во рестриктивните мерки за спречување на ширење на пандемијата од ковид-19, при што за влез во Бугарија на македонски државјани кои планираат да престојуваат краток или подолг период отворен е само граничниот премин Деве Баир-Ѓуешево, а на сите тие лица при влез им се бара поседување негативен ПЦР ковид тест, велат од МВР.

Апелираат граѓаните да внимаваат и да се информираат пред патувањето.