АХК Македонија го организира бизнис настанот Suppliers Balkan Expo-SUBEX кој се одржува на 25 и 26 октомври 2023 година во Скопје.

Втора година по ред се одржува бизнис настанот SUBEX чија цел е поврзување на домашните компании добавувачи со компании купувачи од Германија, ЕУ и регионот. Јакнење на економските врски е особено важно во време кога Европа, но и светот се соочува со големи предизвици, кои оставаат силни последици и врз стопанството.

„ Вториот ден на SUBEX е целосно посветен на професионален развој и обезбедување на стручни кадри. Наша заедничка цел треба да биде, на луѓето од регионот да им се обезбеди стабилен простор за живеење и развој. Пред сè, на младата генерација од овој регион и е потребена сигурност, перспективи и можности за развој и напредок.

Во изминатите години домашните и германски инвеститори се повеќе се посветени на темата обезбедување на стручни кадри, АХК Северна Македонија ја препозна оваа потреба и веќе 6 години по ред ја спроведува програмата за дуално стручно образование по германски терк. Програмата се спроведува во седум средни стручни училишта и во 15 компании партнери. Интересот од година во година расте, а денес ги доделивме сертификатите на втората генерација ученици кои завршија дуално образование по германски стандарди, исто така им посакавме добредојде на 140 ученици кои се дел од шестата генерација ученици.

Вчера зборувавме за факторите кои моментално го прават балканскиот регион толку атрактивен за Германија и европската економија, воедно германските инвеститори во Македонија со повеќе од 20 000 работни места се најголемите, а истовремено и оценети како едни од најатрактивните работодавачи. Сметам дека младите кога носат одлука за изборот на идната професија покрај личните таленти и афинитети треба да ја земат во предвид и побарувачката на кадри од кои пазарот на трудот има потреба.

На денешниот саем за вработување и кариера кој ќе се одржи за прв пат во склоп на SUBEX ќе се претстават повеќе од 30 компании, кои ќе имаат можност во директен дијалог со учениците, студентите и стипендистите да разговараат за потребите профили во нивните компании“- изјави Антје Ванделт, директор на АХК  Македонија, Албанија и Косово.

„Со гордост можам да кажам дека со исклучителен неколкугодишен ангажман на Министерството за образование и наука заедно со нашите партнери, ја променивме перцепцијата за стручното образование и ја зголемивме неговата атрактивност. Тоа го покажува и континуираниот раст на бројот на запишани ученици во средното стручно образование. Во учебната 2023/2024 во средно стручно се запишаа над 43 илјади ученици. Ако до неодамна гимназиите беа прв избор на завршените деветтооделенци, сега сликата е сосем променета. Оваа учебна година 67,3 проценти од учениците одбраа стручно образование, споредено со гимназиското“, рече Шаќири.