Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи, по скратена постапка, кој на 12 јули го поднесоа пратениците на Либерално-Демократска партија и Левица, стои заглавен во рамки на 120-тата седница во Собранието и Комисијата за финансирање и буџет, вели претседателката од ЛДП Моника Зајкова.

Согласно анализите во вториот квартал од годинава во споредба со истиот период лани добивката на банките е зголемена за дури 35,3%. Зголемената добивка најмногу произлегува од растот на нето каматните приходи, а извесен придонес има и зголемувањето на нето-приходите од провизии, се нотира во извештајот од анализата.

– Апелираме што е можно поскоро да се разгледа овој закон за да ги заштитиме граѓаните кои секојдневно ги користат услугите на банките. Сведоци сме на високите трошоци и провизии како на пример за одобрување кредити, одржување на сметки, провизиите за проверка на трансакциска сметка, па дури и повлекувањето пари од друга банка, доколку е различна од банката депонент на граѓаните, посочува лидерката и пратеничка Зајкова.

Таа додава дека овој предлог закон предвидува значително намалување или укинување на банкарските трошоци и провизии. На тој начин се намалуваат и месечните издатоци на граѓаните со што се чекори поблиску кон поправедна финансиска средина за сите.

– Свесни сме дека иако овие прашања се дел од интерната политика на банките, сепак потребно е законска регулираност бидејќи станува збор за остварување на огромен профит. Со предложениот закон не се обезбедува само финансиска праведност, туку и поправедно и урамнотежено општество во целост. Во нашиот стремеж за правична финансиска иднина за сите граѓани, ги повикуваме и останатите пратеници и партии да ја дадат својата поддршка на овој предлог-закон, порачува Зајкова од ЛДП.