Силна област на висок воздушен притисок над западна и централна Европа во наредните денови ќе задржи исклучително топол воздух од Сахара и ќе го отвори патот за првиот посериозен топлотен бран оваа сезона, иако календарското лето сè уште не е започнато. Метеоролозите предупредуваат дека таканаречената „топлотна купола“ ќе го спречи мешањето на жешките воздушни маси со посвеж воздух.
Во делови од Португалија, Шпанија и Франција температурите би можеле да достигнат до 45 Целзиусови степени, додека топлината постепено ќе се шири кон северните и источните делови на континентот, вклучително и кон Балканот, објави „Скопје1.мк“.
Состојбата дополнително ја влошува значително исушеното европско тло по невообичаено топлиот крај на мај. Поради тоа ќе биде ослабен природниот ефект на ладење преку испарување, што може дополнително да ги зголеми температурите. Во некои региони тие би можеле да бидат и до 18 степени над просекот за крајот на јуни.
Топлотниот бран ќе се развие над северозападна Африка, а потоа ќе се прошири кон југозападна, западна и централна Европа. Најпогодени се очекува да бидат Шпанија, Португалија и Франција. Одредени метеоролошки модели за Франција предвидуваат температури од 41 до 44 степени, додека во Париз и во другите големи градови се очекуваат повеќедневни горештини со вредности меѓу 35 и 40 степени.
Температури повисоки од 30 степени се очекуваат и во Германија, земјите од Бенелукс и Велика Британија. Во Италија тие ќе се движат меѓу 35 и 40 степени, а локално во долината на реката По би можеле да бидат и повисоки.
Според метеоролозите, топлотниот бран би можел да се задржи до крајот на јуни, со што ќе се зголеми ризикот од суши и шумски пожари. Неговото влијание ќе се почувствува и на Балканот, но засега не се прогнозираат екстремни вредности како во западна Европа. Во поголемиот дел од регионот температурите се очекува да се движат меѓу 30 и 35 степени.
