– Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови, а евидентно е намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат. Како резултат на преземените мерки, намален е бројот на жртви во сообраќајни незгоди, 2020 година е година со најмал број на жртви (125). И во текот на 2021 година продолжува трендот на намалување на бројот на сообраќајни незгоди, како и бројот на жртви. Во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година бројот на сообраќајни незгоди е намален за 12 отсто во однос на истиот период лани, а бројот на жртви е намален за 14 отсто, рече Ангеловски.
Засилените акциски контроли, според Ангеловски, се насочени пред се кон санкционирање на прекршоците што, според анализите на МВР, се најчести причини за тешки сообраќајни незгоди, како што е возењето со поголема брзина од дозволената, возењето под дејство на алкохол и сл.
– Апелираме до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај, нагласи Ангеловски.