Иранскиот министер за надворешни работи, го предупреди израелскиот премиер Нетанјаху поради најновите напади врз Либан. Во Бејрут тој се сретна со либанскиот колега, но и со водачот на проиранската Хезболах, како и со командантите на Хамас и на палестинскиот исламски џихад. Шефот на иранската дипломатија укажа и на стратегиската важност на Црвеното море.
„Морскиот транспорт во Црвено море е клучот на безбедноста. Иранската исламска република, силно ќе ја поддржи која и да било иницијатива за Газа и за Западен брег, како главни области на живеењето на палестинците и на нивните лидери“, изјави Хусеин Амирабдолахјан-министер за надворешни работи на Иран.
И така сложена, состојбата на Блискиот Исток од ден на ден уште повеќе се усложнува. Израел продолжува со чистењето на теренот во јужните предели на Појасот Газа, каде што се евакуирани над две третини од населението, или околу милион и половина. Рафа, на египетската граница е неколкудневна цел на израелската војска.
„Веќе влеговме во чувствителните позиции на Хамас, ги користиме нивните разузнавачки податоци против нив. Ги уништуваме со нивното оружје на теренот. Колку што се доближуваме и ја остваруваме целта, толку сме и поблиску до остварувањето на целта на ослободувањето на заложниците“, изјави Јоав Галант- министер за одбрана на Израел.
Саудиска Арабија му се закани на Израел со несогледливи последици, доколку продолжи воената интервенција и нападот врз Рафа. Израелскиот премиер не се осврнува на предупредувањата на Ријад. За Нетанјаху, победата е клучот на постоењето на еврејската држава. Во Рафа и во градот Газа трагичниот биланс се искачи на 50-ина жртви. И додека во Израел на неколку локации се протестира против Нетанјаху и се бара ослободување на заложниците на Хамас, војната, по 17 години мир во Израел, влегува во петтиот месец.