Првата нова пратка сурова нафта од саудиското пристаниште Јанбу се очекува подоцна денеска, откако повторно беше активиран нафтоводот Исток-Запад. Еден танкер треба да биде натоварен во пристаништето на Црвеното Море, а според извор на „Ројтерс“, нафтата ќе биде испратена во Кина.

Нафтоводот овозможува Саудиска Арабија да го заобиколи Ормускиот Теснец, каде што транспортот е нарушен поради војната на Блискиот Исток. Преку него кон Јанбу се пренасочуваат околу четири милиони барели нафта дневно, што претставува приближно четири отсто од вкупната светска понуда.

Работата на нафтоводот и испораките од Јанбу беа прекинати по нападите со беспилотни летала на 13 септември.

По повторното активирање, системот засега функционира со намален капацитет. Саудискиот нафтен гигант „Арамко“ работи на враќање на протокот на околу четири милиони барели дневно.

Сепак, безбедносен извор предупредил дека за целосно нормализирање на работата би можеле да бидат потребни неколку недели.

Трговците во меѓувреме се подготвуваат за обновувањето на саудискиот извоз и пренасочуваат танкери кон египетските пристаништа Порт Саид и Сиди Керир. На тие локации е можен и претовар на нафтата од еден брод на друг.

Информацијата за повторното пуштање во употреба на нафтоводот Исток-Запад се одрази и врз светскиот пазар. Цената на нафтата „брент“ во 17 часот се намали за 0,49 отсто и изнесуваше 99,820 долари за барел.