Јавното обвинителство ќе постапува по секоја кривична пријава поврзана со Алта банка, а надлежниот обвинител ќе мора да ги провери наводите и да преземе соодветни истражни дејствија. Ова го истакнува државниот јавен обвинител Ненад Савески во ексклузивното интервју за емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, кое ќе се емитува вечерва во 21:30 часот.
Одговарајќи на прашањето дали Обвинителството ќе се вклучи во случајот со Алта банка и по поднесените кривични пријави, Савески објасни дека секоја пријава што ќе пристигне во институцијата се распределува кај надлежен јавен обвинител, кој има обврска да ги провери изнесените наводи.
Тој посочи дека Обвинителството ги анализира и јавните повици за отворање постапки, без оглед од кого доаѓаат, но нагласи дека тоа не значи дека секој таков повик автоматски претставува основ за кривично гонење.
„Ние таквите повици ги анализираме секогаш. Меѓутоа, не секогаш во она на што нè повикуваат гледаме дека постои основ за покренување постапка“, изјави Савески.
Според него, обврска на обвинителството е во секоја ситуација да ги провери информациите, да ги истражи наводите и да собере докази, вклучително и во актуелниот случај со Алта банка.
