СДСМ со жестоки критики кон премиерот Христијан Мицкоски, кого опозициската партија го обвини дека ги навредува граѓаните кои не ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ и дека ја презема политичката реторика на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Во соопштение со наслов „Мицкоски – баш арамија!“, СДСМ тврди дека премиерот ги дели граѓаните на свои и туѓи и ги навредува оние што не се согласуваат со неговата политика.
„Секој што не е за неговата криминална организација – веднаш, по моделот на Ванчо Михајлов, станува ‘талог’“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата ја нападнаа и политичката реторика на Мицкоски, тврдејќи дека тој го следи примерот на Вучиќ и ги користи истите политички пораки во пресметката со опозицијата.
СДСМ во соопштението упати и низа обвинувања за лажење, корупција и криминал, но не презентираше нови конкретни докази за овие тврдења.
„Ваков арамија народот не памти“, стои во соопштението.
Опозициската партија го критикуваше и начинот на кој Мицкоски се однесува кон политичките противници, додека, според нив, себеси и своите соработници ги претставува како „елита“.
„На таква елита местото ѝ е во Шутка и Идризово“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата на крајот повторно го нарекоа Мицкоски „арамија“ и оценија дека неговото однесување претставува „срам за нашата земја“.
