Премиерот Зоран Заев најави дека во текот на денот или најдоцна утре ќе даде свој коментар за објавениот извештај од вештачењето за пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово.
– Навистина првпат слушам дека извештајот е објавен, веројатно веќе сме биле на прес-конфернција кога тоа е објавено. Дозволете да го прочитам извештајот, да го видам со се што е објавено, за да можам да ги дадам своите реакции и веднаш во текот на денот или најдоцна утре ќе дадам свој коментар за ова, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција денеска во Владата.
Прашан, што тоа конкретно ќе значи за понудените оставки, рече дека веднаш, откако ќе ги осознае сите информации за тоа што е објавено, ќе го каже и својот став за оставките на министерот и на заменик министерот за здравство.
Заев, изрази благодарнност до институциите што ги објавуваат извештаите, затоа, како што рече, граѓаните ги чекаат.
– Тоа е најважното, самите извештаи мора да бидат професионално и навремено завршени и секоја информација што дава дополинтелно одговори на нашиот народ, на семејствата на загинатите наши сограѓани е респонзивност на институциите, посочи Заев.
Што покажа извештајот на Обвинителството
Претходно денеска, Јавното обвинителство прво излезе со извештај за пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 септември.Во извештајот се потенцира дека огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период.
За ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите / просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот.
Со ова се потврдува она што го говореше ВМРО-ДПМНЕ дека лошиот квалитет на материјали кои се лесно запаливи придонело огнот брзо да се прошири.
Но, за обвинителството овој факт е неважен и се насочуваат на тоа од што настанал пожарот што во случајот е помалку важно од тоа зошто огнот толку брзо се проширил и лимената импровизирана болница изгоре за неколку минути.
Пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат-стои во извештајот на Обвинителството.
Обвинителството заклучило дека по воочената појава на пламен, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар. Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период.