Јордан Ѓоргиев, возачот кој во сообраќајна несреќа кај Скопје Сити Мол ја усмрти Викторија Николова на пешачки премин, денеска призна вина во Основниот кривичен суд.

-Разбирам зошто сум овде и делото кое ми се става на товар. Да се чувствувам виновен и многу се каам. Свесно го давам признанието. Јасно ми е дека ќе ми следи санкција. Јасно ми е дека и ќе треба да платам оштетно побарување во иднина, рече 23-годишниот Ѓоргиев.

Потоа по признанието на вината Ѓоргиев седна на обвинителното столче и гледаше надолу додека чекаше сите вклучени во постапката да се изјаснат.

Во несреќата на 20-ти јануари оваа година загина Викторија Николова, 24-годишна радовишанка која поминувала на пешачки премин додека на семафорот трепкало жолто светло. Ѓоргиев налетал на неа и на нејзиниот партнер, а Викторија загина на лице место откако беше отфрлена 20-тина метри во средина на булеварот Партизански одреди.

Според обвинението, Ѓорѓиев возел со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, не застанал иако видел дека има пешаци и ја прегазил Викторија.

Она што е познато од денешното рочиште е тоа што семејството Николови нема да бара имотно-правни побарувања бидејќи тоа ќе го оствареле преку осигурителна компанија, додека Леонид Даов, момче на починатата Викторија, ќе бара имотно правно побарување.