За време на состанокот во февруари, Бугарија ја информирала Северна Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат. Ова за БГНЕС го соопштија од бугарското МНР во врска со наводите на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи дека постои документ кој е прифатлив за нас, но се чека одговор од властите во Софија.
-Постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и Република Северна Македонија со цел да се изнајдат решенија за отворените политички прашања. Последниот експертски состанок на тимовите на МНР се одржа на 11 февруари годинава, на кој се разговараше за најновите предлози на Северна Македонија, официјално испратени во декември 2021 година како одговор на предлозите на бугарската страна. На средбата во февруари бугарската страна ги информираше претставниците на Северна Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат, соопштија од бугарското МНР.
Оттука додадоа дека „кога ќе има изгледи за значителен напредок, бугарската страна ќе испрати свој предлог со цел приближување на ставовите“.